вторник, 03 август 2010

Моноспитовско Блато


Во минатото големо езеро, дом на праисториски растенија и животни, а денес блато на површина од 400 хектари, засолниште на единствена флора и фауна, живеалиште на редок растителен и животински свет. Можеби непознато за многумина, но предизвик за научниците, чиј предмет на интерес се екосистемите во токму ваквите водни површини.
Пред да биде исушено како резултат на мелиоративните зафати во педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, се простирало на површина од 5000 хектари. Закана за неговиот опстанок претставуваат човековата негрижа и алчност по парче плодна земја. Денес благодарение на проектот за негова ревитализација (со средства од европските фондови) изградени се платформи за влез во блатото, куќички за набљудување на птиците, како и дрвени патеки. Овој уникатен природен музеј се наоѓа петнаесетина километри југоисточно од Струмица, лево од патот кој води од с. Моноспитово до бањата Банско.
Доколку го посетите ќе уживате во пријатна прошетка низ блатото, ќе го почувствувате одблизу мирисот на трските, алгите, лијаните, папратта, звукот на барските птици...

петок, 17 јули 2009

Длабока Река

Долината на Длабока Река претставува типичен пример за глацијална ерозија. Кон крајот на последното ледено време, корапските глечери почнале да се топат. Потоа истекле надолу, формирајќи ја оваа долина всечена длабоко помеѓу корапските карпи. Оттука всушност потекнува и името на Длабока Река. Кањонот на оваа река влегува во составот на Национален парк „Маврово“. Во 1952 година прогласен е за строго заштитено подрачје.
Изворите на Длабока Река се наоѓаат на околу 2500 метри надморска висина, веднаш под врвот Мал Кораб. Она што ја прави посебна и привлечна за љубителите на исконската природна убавина, секако е водопадот кој се формира во горниот тек на реката. Овој водопад со висина од околу 130 метри, е највисок во Македонија. Најдобриот период за посета е во текот на месеците јуни и јули, тогаш снегот не претставува голема пречка, а поради неговото топење, водопадот има најмногу вода.
Најблиско населено место е с. Нистрово, од таму обично се започнува пешачењето кон водопадот. По околу еден час се стигнува до с. Жужње. Тоа веќе одамна е раселено, а единствен доказ за тукашниот живот, се црквата и разурнатите куќи. Од тука се бира патеката по која ќе се оди кон водопадот. Десната патека оди по течението на реката, претежно низ шумски предел. Тука единствена потешкотија може да претставува преминувањето на реката (два пати) преку импровизирани премини. Додека левата патека започнува откако ќе се помине реката преку мовчето кај црквата. Оваа патека можеби е пократка, меѓутоа е пострмна и помалку безбедна.
Независно од тоа која патека ќе ја изберете за овој подвиг потребни се малку повеќе храброст и авантуристички дух.

недела, 10 мај 2009

с. Зрзе

Ова село сместено во подножјето на Даутица, за жал ја доживува судбината на бројните македонски села, во кои животот полека замира. Но и покрај тоа останува надежта дека условите ќе се променат, а животот ќе се врати. Тоа ќе биде доказ дека некои работи се вечни, дека некои работи опстојуваат за да нè потсетат на она што сме, а тоа не е можно без доказ за она што сме биле.
Симбол на тоа опстојување и доказ за нашиот културен континуитет е манастирот Зрзе. Многупати бил уништуван и обновуван, а денес е подготвен да ги прими и воодушеви со својата местоположба и со чувство уредениот простор, бројните посетители.
Овој манастирски комплекс распослан над бигорната карпа и вткаен длабоко во неа, деновиве е особено интересен за македонската јавност.
Пред да се извршат најновите истражувања, се претпоставуваше дека монашкиот живот тука постои од четиринаесеттиот век. Меѓутоа денес првобитните ископувања покажуваат дека внатре во бигорната карпа постоел монашки живот уште во деветти век. До сега се откриени бројни артефакти кои се доказ за тоа.
Следна фаза во постоењето на овој манастирски комплекс претставува изградбата на црквата „Свето Преображение“ од монахот Герман, во четиринаесеттиот век за време на владеењето на цар Душан. Тоа се дознава од фресконатписот на јужниот влез на црквата. Во неа се наоѓаат две мошне значајни икони (т.е. нивни копии) на Богородица Пелагонитиса и Исус Христос. Оригиналите се чуваат во Музејот на Македонија. Според преданието чудотворната икона три пати го менувала местото на кое била поставена според црковните канони. Затоа денес се наоѓа на десната страна на иконостасот што е вистинска реткост во христијанствто.
Денес манастирскиот комплекс е составен од црквата „Свето Преображение‘‘, црквата „Св. Петар и Павле“, кулата на камбанаријата, монашките конаци и други помошни згради.
На еден од ѕидовите на црквата „Св. Петар и Павле“ има икона на овчарчето, кое според легендата го спасило манастирот од налетот на Арнаутите.
Во моментов додека се во тек ископувањата, ние сме во очекување на најновите сознанија до кои ќе се дојде и секако на моментот кога овие ќелии сместени во внатрешноста на бигорната карпа ќе бидат отворени за посетители.