среда, 10 декември 2008

Боговињско Езеро

Како што пишував во еден претходен пост, на Шара има голем број леднички езера што го заслужуваат нашето внимание. Познати се под заедничкото име Шарски Очи. Секоја посета на некое од нив нè прави побогати за уште едно неверојатно искуство.
Боговињско Езеро е најголемо, а според многумина, и најубаво глацијално езеро. Во него се влева Боговињска Река, која потоа истекува на спротивната страна, упатувајќи се кон селото Боговиње. Езерото се снабдува со вода и од повеќе извори, од кои повеќето се наоѓаат во ливадестиот дел, на горната страна од езерото.
За да стигнеме дотаму, најпрво одевме по земјен пат, од Ново Село до браната на Боговињска Река. Потоа се движевме по планинарска патека покриена со безброј паднати лисја, кои покрај маглата што нè следеше на почетокот, само ја дополнуваа есенската слика. Непосредно пред езерото, чија глетка нè воодушеви, се движевме по стрмниот кањон на Боговињска Река.


петок, 24 октомври 2008

Галичица

Дали сте се запрашале каква е глетката во која како на дланка истовремено може да се гледаат Охридско и Преспанско Езеро? Претпоставувате дека тоа може да се долови од планината Галичица, поконкретно од врвот Магаро. Тоа е највисокиот врв на Галичица што се наоѓа на нашата територија.
Варовничкот состав ја прави оваа планина една од најсушните во Македонија. Постојат само неколку постојани извори, додека, пак, охридското крајбрежје е мошне богато со вода. Секако, најпознати се изворите кај Св. Наум, кои пред да се влеат во Охридско Езеро формираат мал езерски базен.
Галичица во себе крие голем број тајни. Според најновите истражувања, во нејзината утроба се наоѓа подземно езеро, чие количество вода е двојно поголемо од она на Преспанско. Се претпоставува дека таа вода се акумулира од дождовница,  како и од водата што истекува од Преспанско Езеро поради тоа што се наоѓа на поголема надморската висина. Според други истражувања, и дел од водата од изворите кај Св. Наум потекнува од ова езеро.
Но за сите овие работи сè уште со сигурност не може да се говори. Во тек се истражувањата за проектот „Одржливо управување со меѓународните води на Преспанско Езеро“, кој се реализира од 2005 година и има цел да се извршат обемни истражувања за спас на Преспанско Езеро. Финализирањето на овие истражувања ќе дадат одговор на дел од прашањата.
Она во што можеме да бидеме сигурни е магијата што нè обзема додека се движиме по патеките на Галичица. За среќа, ние ја почувствувавме онаа мистична есенска магија обоена во жолти, црвени, портокалови и зелени лисја.

сабота, 27 септември 2008

Караниколички Езера

Од вкупно 39-те леднички езера на Шар Планина, дури над 20 се наоѓаат на територијата на Македонија. Познати се под заедничкото име Шарски Очи.
На 8 Септември оваа година, заедно со членови на МЕД (Македонско еколошко друштво) и со планинари од ПК „Љуботен“, ги посетивме Големото Караниколичко Езеро (Голем Ѓол) и Малото Караниколичко Езеро (Мал Ѓол). Овие езера се наоѓаат во Караниколичката област, на над 2.300 метри надморска висина. Жителите на околните села ја сметаат водата во Голем Ѓол  за лековита. Ова езеро се полни со вода од поголем број подводни извори, за разлика од малото, кое нема вакви извори.
Од Лешница, каде што ги оставивме автомобилите, до езерата стигнавме за помалку од три часа. И овој пат се уверив дека Шара секогаш има да понуди импресивни глетки и незаборавни мигови. Мене особено ми беше интересно Малото Караниколичко Езеро поради специфичната кафена боја.
Во некоја следна пригода ни преостанува да видиме дел од другите леднички езера на Шара.