среда, 27 август 2008

Салакови Езера

Сеќавањата од вечерта кога диви животни ни се врткаа околу шаторот сè уште ни беа свежи. Затоа овој пат решивме да се сместиме во планинарски дом. Нашиот избор беше домот „Караџица“, кој се наоѓа на истоимената планина. Дотаму може да се стигне со кола, по земјен пат што се наоѓа во очајна состојба. Додека се возевме на моменти имав чувство дека сме дел од релито Париз - Дакар, минувавме низ огромни кратери и вистинско чудо е како не заглавивме некаде. За среќа, на враќање забележавме дека војската го поправа патот, така што доколку решите да одите, нема да се соочите со слични проблеми.
Првиот ден бевме до реката во близината на домот. Станува збор за Јуручка Река, која течејќи низ карпи наместа формира мали базенчиња. Нашите другари што веќе биле овде, најголемото го викаат „џакузи“. Така, доколку сте љубители на капењето во река, ова би било идеално место за вас.
Следниот ден решивме да одиме до Салакови Езера, иако дотогаш никој од нас не бил таму. Знаевме приближно каде се наоѓаат и со помош на мапите и на луѓето што се обидоа да ни објаснат како да стигнеме, успеавме да ги најдеме. Прво возевме до каде што ни дозволуваше патот, односно до едно бачило каде што ја оставивме колата. Потоа продолживме пеш и за помалку од три часа стигнавме. Глетката беше извонредна. Тоа се леднички езера што се наоѓаат на над 2.000 метри надморска висина. Интересно е тоа што водата од едното езеро, кое е помало, се прелева во другото. Исто така, има мали изворчиња што се влеваат во помалото езеро.
На враќање имавме мала непријатност. Поминувајќи покрај едно бачило, почна да нè брка овчарско куче, но, за среќа, поминавме без посериозни последици.
Одењето до езерата беше напорно, затоа следниот ден одморавме т.е. останавме во домот и игравме пинг-понг...

сабота, 23 август 2008

Тресонче

Очекував тоа да биде извонреден викенд. Уште една авантура низ планините во Македонија. Овој пат бевме во Тресонче, мијачко село и една од најстарите населби воопшто. Родното село на Дичо Зограф и Сирма Војвода.
Од селото се упативме кон месноста Три Извори, изворите на Тресонечка Река. Дотаму се движевме по живописна патека во срцето на планината Бистра. Откако стигнавме до изворите, тргнавме кон врвот Голем Брзовец. За жал, патеката наместа беше обрасната со папрат и се губеше, па не успеавме во намерата да се качиме на врвот. Иако бевме изморени, решивме да се прошетаме по кањонот на Тресонечка Река, се разбира, до каде што беше пристапно. На наше големо изненадување стигнавме многу подалеку отколку што се надевавме и покрај тоа што кањонот е тешко пристапен, а ние немавме соодветна опрема. Бевме воодушевени од она што го видовме и воопшто не ми беше жал што не се качивме на врвот Голем Брзовец. Од многуте водопади што се наоѓаат во овој кањон, ние видовме три. Иако се задржавме подолго отколку што планиравме, се вративме токму навреме за да ги поставивме шаторите.
Следниот ден планиравме да одиме на изворот Змејовица, но и покрај упорноста, не успеавме да го најдеме. Тоа значи дека имам уште една причина за да дојдам тука повторно. Оваа наша авантура ја завршивме со посета на пештерата Алилица и на водопадот Дуф, кој се наоѓа во близината на селото Ростуше. А за да ви доловам мал дел од она што го видовме, ќе ви приложам фотографии.