недела, 10 мај 2009

Зрзе

Ова село сместено во подножјето на Даутица, за жал, ја доживува судбината на големиот број македонски села во кои животот полека замира. Но и покрај тоа, останува надежта дека условите ќе се променат, а животот ќе се врати. Тоа ќе биде доказ дека некои работи се вечни, дека некои работи опстојуваат за да нè потсетат на она што сме, а тоа не е можно без доказ за она што сме биле.
Симбол на тоа опстојување и доказ за нашиот културен континуитет е манастирот во Зрзе. Многупати бил уништуван и обновуван, а денес е подготвен да ги прими и да ги воодушеви со својата местоположба и со чувство уредениот простор многубројните посетители.
Овој манастирски комплекс, распослан над бигорната карпа и вткаен длабоко во неа, деновиве е особено интересен за македонската јавност.
Пред да се извршат најновите истражувања, се претпоставуваше дека монашкиот живот тука постои од четиринаесеттиот век. Меѓутоа денес, првобитните ископувања покажуваат дека внатре во бигорната карпа постоел монашки живот уште во деветтиот век. Досега се откриени голем број артефакти што се доказ за тоа.
Следна фаза во постоењето на овој манастирски комплекс претставува изградбата на црквата „Свето Преображение“ од монахот Герман, во четиринаесеттиот век, за време на владеењето на цар Душан. Тоа се дознава од фресконатписот на јужниот влез на црквата. Во неа се наоѓаат две мошне значајни икони (т.е. нивни копии) на Богородица Пелагонитиса и на Исус Христос. Оригиналите се чуваат во Музејот на Македонија. Според преданието, чудотворната икона трипати го менувала местото на кое била поставена според црковните канони. Затоа денес се наоѓа на десната страна на иконостасот што е вистинска реткост во христијанствто.
Денес манастирскиот комплекс е составен од црквата „Свето Преображение‘‘, црквата „Св. Петар и Павле“, кулата на камбанаријата, монашките конаци и други помошни згради.
На еден од ѕидовите на црквата „Св. Петар и Павле“ има икона на овчарчето што, според легендата, го спасило манастирот од налетот на Арнаутите.
Во моментов додека се во тек ископувањата, ние сме во очекување на најновите сознанија до кои ќе се дојде и, секако, на моментот кога овие ќелии сместени во внатрешноста на бигорната карпа ќе бидат отворени за посетители.