вторник, 3 август 2010 г.

Моноспитовско Блато


Во минатото големо езеро, дом на праисториски растенија и животни, а денес блато на површина од 400 хектари, засолниште на единствена флора и фауна, живеалиште на редок растителен и животински свет. Можеби непознато за многумина, но предизвик за научниците, чиј предмет на интерес се токму екосистемите во ваквите водни површини.
Пред да биде исушено како резултат на мелиоративните зафати во педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, се простирало на површина од 5.000 хектари. Закана за неговиот опстанок претставуваат човековата негрижа и алчноста по парче плодна земја. Денес, благодарение на проектот за негова ревитализација (со средства од европските фондови), се изградени платформи за влез во блатото, куќички за набљудување на птиците, како и дрвени патеки. Овој уникатен природен музеј се наоѓа петнаесетина километри југоисточно од Струмица, лево од патот што води од селото Моноспитово до бањата Банско.
Доколку го посетите, ќе уживате во пријатна прошетка низ блатото, ќе ги почувствувате одблизу мирисот на трските, алгите, лијаните, папратта, звукот на барските птици...

петок, 17 јули 2009 г.

Длабока Река

Долината на Длабока Река претставува типичен пример за глацијална ерозија. Кон крајот на последното ледено време, корапските глечери почнале да се топат. Потоа истекле надолу, формирајќи ја оваа долина всечена длабоко помеѓу корапските карпи. Оттука всушност потекнува и името на Длабока Река. Кањонот на оваа река влегува во составот на Национален парк „Маврово“. Во 1952 година е прогласен за строго заштитено подрачје.
Изворите на Длабока Река се наоѓаат на околу 2.500 метри надморска висина, веднаш под врвот Мал Кораб. Она што ја прави посебна и привлечна за љубителите на исконската природна убавина, секако, е водопадот што се формира во горниот тек на реката. Овој водопад, со висина од околу 130 метри, е највисок во Македонија. Најдобриот период за посета е во текот на јуни и јули, тогаш снегот не претставува голема пречка, а поради неговото топење, водопадот има најмногу вода.
Најблиско населено место е селото Нистрово, оттаму обично се започнува пешачењето кон водопадот. По околу еден час се стигнува до селото Жужње. Тоа веќе одамна е раселено, а единствен доказ за тукашниот живот, се црквата и разурнатите куќи. Оттука се избира патеката по која ќе се оди кон водопадот. Десната патека води по течението на реката, претежно низ шумски предел. Тука единствена тешкотија може да претставува преминувањето на реката (двапати) преку импровизирани премини. Додека левата патека започнува откако ќе се помине реката преку мовчето кај црквата. Оваа патека можеби е пократка, меѓутоа е пострмна и помалку безбедна.
Независно од тоа која патека ќе ја изберете, за овој подвиг се потребни малку повеќе храброст и авантуристички дух.

недела, 10 мај 2009 г.

Зрзе

Ова село сместено во подножјето на Даутица, за жал, ја доживува судбината на големиот број македонски села во кои животот полека замира. Но и покрај тоа, останува надежта дека условите ќе се променат, а животот ќе се врати. Тоа ќе биде доказ дека некои работи се вечни, дека некои работи опстојуваат за да нè потсетат на она што сме, а тоа не е можно без доказ за она што сме биле.
Симбол на тоа опстојување и доказ за нашиот културен континуитет е манастирот во Зрзе. Многупати бил уништуван и обновуван, а денес е подготвен да ги прими и да ги воодушеви со својата местоположба и со чувство уредениот простор многубројните посетители.
Овој манастирски комплекс, распослан над бигорната карпа и вткаен длабоко во неа, деновиве е особено интересен за македонската јавност.
Пред да се извршат најновите истражувања, се претпоставуваше дека монашкиот живот тука постои од четиринаесеттиот век. Меѓутоа денес, првобитните ископувања покажуваат дека внатре во бигорната карпа постоел монашки живот уште во деветтиот век. Досега се откриени голем број артефакти што се доказ за тоа.
Следна фаза во постоењето на овој манастирски комплекс претставува изградбата на црквата „Свето Преображение“ од монахот Герман, во четиринаесеттиот век, за време на владеењето на цар Душан. Тоа се дознава од фресконатписот на јужниот влез на црквата. Во неа се наоѓаат две мошне значајни икони (т.е. нивни копии) на Богородица Пелагонитиса и на Исус Христос. Оригиналите се чуваат во Музејот на Македонија. Според преданието, чудотворната икона трипати го менувала местото на кое била поставена според црковните канони. Затоа денес се наоѓа на десната страна на иконостасот што е вистинска реткост во христијанствто.
Денес манастирскиот комплекс е составен од црквата „Свето Преображение‘‘, црквата „Св. Петар и Павле“, кулата на камбанаријата, монашките конаци и други помошни згради.
На еден од ѕидовите на црквата „Св. Петар и Павле“ има икона на овчарчето што, според легендата, го спасило манастирот од налетот на Арнаутите.
Во моментов додека се во тек ископувањата, ние сме во очекување на најновите сознанија до кои ќе се дојде и, секако, на моментот кога овие ќелии сместени во внатрешноста на бигорната карпа ќе бидат отворени за посетители.