среда, 3 септември 2008 г.

Гари, Стогово

Слично како и за Лазарополе, и за настанувањето на ова село во малореканскиот регион постои легенда. Таа вели дека селото е изградено на местото каде што чудесно „одлетувала“ иконата на свети Спас од црквата во месноста Дренице. Луѓето ја враќале иконата на старото место, но откако случката се повторила неколку пати, тоа го сфатиле како аманет да се населат токму на тоа место. Селото е сместено на планината Стогово, на околу 1.100 метри надморска висина.
Ние дојдовме тука со намера да се качиме на врвот Голем Рид. Се движевме по многубројните пасишта што се наоѓаат на оваа планина. Притоа забележавме неколку стада овци, а поминавме и низ едно бачило.
Пред да се стемни, се вративме во селото. Поразговаравме со луѓето што го искористиле летото да се одморат во своите куќи во Гари. Неизбежни беа разговорите за луѓето што се родиле тука, а со своето дело станале прочуени надалеку. Таква личност е Петре Филиповски-Гарката. Тој со својата тајфа има работено на иконостасот во црквата „Св. Јован Бигорски“, кој несомнено е еден од најубавите гледано во светски рамки. Во разговорот со луѓето дознавме дека оттука потекнува и Тодор Петков, градител на куќата на браќата Робевци во Охрид.
Разговаравме и за многу други интересни работи што ќе ви ги пренесам во друга пригода...

Лазарополе

За настанувањето на името на ова село, постои легенда. Таа вели дека луѓето бегајќи од Турците се скриле во пештера, која секогаш ги засолнувала при слична закана. Меѓутоа, за несреќа, откако Турците се оддалечиле Калина мома почнала да пее. Тие ја слушнале и го запалиле влезот на пештерата. Сите се задушиле од димот, освен Лазар, кој го основал селото што и денес го носи неговото име. Д-р Блаже Смилевски, пак, името го објаснува етимолошки. Според него, тоа произлегува од старословенскиот збор лазоръ, кој означува големо пространство без шума.
Селото се наоѓа на надморска висина од 1.350 метри и претставува една од највисоките населби на овие простори воопшто. Распослано е на висорамнина на планината Бистра. Специфично е и по тоа што само овде во Македонија расте лазарополската дива ружа.
Во духот на богатата црковна традиција, како порано, така и денес овде се прославува големиот празник Илинден. Ние го посетивме ова село токму на тој ден. Само што пристигнавме, веднаш го забележавме хотелот „Калин“, за кој претходно имавме само слушано. Ја разгледавме околината на селото, а се прошетавме и по долината на Лазороска Река. Забележлива беше големата раздвиженост на луѓето, која е присутна само за време на летниот период. Бидејќи како и голем број села во овој крај, зимно време тука не живеат луѓе. Ме радува фактот што и покрај распаднатите куќи, видов дека голем број од нив се веќе обновени, и тоа во духот на старата архитектура.
Вечерта присуствувавме на прославата што кулуминира со ора на сретсело и со звукот на зурлите и тапаните, неизбежни при какви било веселби во овие краишта. Си заминавме доцна во ноќта, носејќи со себе уште едно парче скриени убавини.