сабота, 10 јануари 2009 г.

Беловиште

Во непосредната близина на градот Тетово се наоѓа селото Беловиште. Тоа е печалбарско село чии иселеници во најголем број се населиле во САД, а моментално во селото има околу 260 постојани жители.
Привлечно за туристите го прават живописната природа, пред сè водопадите на Беловишка Река (заштитниот знак на Беловиште), месноста Петочко Водиче во која се наоѓаат угостителски објекти и базен, црквите „Света Петка“, „Свети Јован Крстител“ итн.
Беловишка Река извира од под врвот Пирибег на Шара. Доволно е чиста, така што жителите на Беловиште ја пијат без прочистување. Иако не пресушува во текот на целата година, најголема е во текот на април и мај кога се топат снеговите.
Најмалиот од трите водопади, познат под името Враживир, се наоѓа во месноста Петочко Водиче. До другите два водопада (Горна и Долна Цкала) се стигнува по некокучасовно пешачење по обележана планинарска патека. Овие водопади според висината на падот се едни од највисоките во Македонија, по Битушките Водопади (околу 50 метри) и водопадот на Длабока Река (над 130 метри).
Месноста Петочко Водиче го добила името по лековитиот извор што се наоѓа таму, а е прогласен и за најчист во Македонија. Луѓето, како порано така и денес, доаѓаат на овој извор со надеж дека неговата лековита вода ќе им донесе здравје.
До Петочко Водиче може да се стигне со автомобил до ширинката, која се наоѓа под убаво оформениот простор со базен и угостителски објект. Додека до црквите „Света Петка“ и „Свети Јован Крстител“, се стигнува откако ќе ја поминете реката по мало железно мовче.
Се надевам дека овие сознанија се доволно интригантни за вас и ќе бидат причина да го посетите Беловиште кога ќе почувствувате потреба да избегате од градскиот метеж и да поминете пријатни мигови во природа.

среда, 10 декември 2008 г.

Боговињско Езеро

Како што пишував во еден претходен пост, на Шара има голем број леднички езера што го заслужуваат нашето внимание. Познати се под заедничкото име Шарски Очи. Секоја посета на некое од нив нè прави побогати за уште едно неверојатно искуство.
Боговињско Езеро е најголемо, а според многумина, и најубаво глацијално езеро. Во него се влева Боговињска Река, која потоа истекува на спротивната страна, упатувајќи се кон селото Боговиње. Езерото се снабдува со вода и од повеќе извори, од кои повеќето се наоѓаат во ливадестиот дел, на горната страна од езерото.
За да стигнеме дотаму, најпрво одевме по земјен пат, од Ново Село до браната на Боговињска Река. Потоа се движевме по планинарска патека покриена со безброј паднати лисја, кои покрај маглата што нè следеше на почетокот, само ја дополнуваа есенската слика. Непосредно пред езерото, чија глетка нè воодушеви, се движевме по стрмниот кањон на Боговињска Река.


петок, 24 октомври 2008 г.

Галичица

Дали сте се запрашале каква е глетката во која како на дланка истовремено може да се гледаат Охридско и Преспанско Езеро? Претпоставувате дека тоа може да се долови од планината Галичица, поконкретно од врвот Магаро. Тоа е највисокиот врв на Галичица што се наоѓа на нашата територија.
Варовничкот состав ја прави оваа планина една од најсушните во Македонија. Постојат само неколку постојани извори, додека, пак, охридското крајбрежје е мошне богато со вода. Секако, најпознати се изворите кај Св. Наум, кои пред да се влеат во Охридско Езеро формираат мал езерски базен.
Галичица во себе крие голем број тајни. Според најновите истражувања, во нејзината утроба се наоѓа подземно езеро, чие количество вода е двојно поголемо од она на Преспанско. Се претпоставува дека таа вода се акумулира од дождовница,  како и од водата што истекува од Преспанско Езеро поради тоа што се наоѓа на поголема надморската висина. Според други истражувања, и дел од водата од изворите кај Св. Наум потекнува од ова езеро.
Но за сите овие работи сè уште со сигурност не може да се говори. Во тек се истражувањата за проектот „Одржливо управување со меѓународните води на Преспанско Езеро“, кој се реализира од 2005 година и има цел да се извршат обемни истражувања за спас на Преспанско Езеро. Финализирањето на овие истражувања ќе дадат одговор на дел од прашањата.
Она во што можеме да бидеме сигурни е магијата што нè обзема додека се движиме по патеките на Галичица. За среќа, ние ја почувствувавме онаа мистична есенска магија обоена во жолти, црвени, портокалови и зелени лисја.