среда, 10 септември 2008 г.

Галичник

За разлика од мијачките села за кои претходно пишував, во Галичник сум била повеќепати. Тоа е село што плени со својата архитектура, традиција, културно наследство, местоположба... Сместено е длабоко во планината Бистра, на надморска висина од 1.300 до 1.500 метри. Тоа се всушност и причините поради кои во зимниот период патот до Галичник е непристапен. Покриен е со снег, чија висина изнесува дури и до неколку метри. Меѓутоа за оние похрабрите постои пешачка патека од селото Јанче.
Со доаѓањето на летото се враќа и животот во Галичник. А, секако, најпосетен е за време на одржувањето на надалеку прочуената Галичка свадба. Некогаш тука на Петровден се одржувале и по 40 свадби, но денес таа има карактер на културна манифестација што придонесува за зачувување на оригиналните свадбарски ритуали и обичаи.
Доколку доаѓате во Галичник и сакате да го почувствувате за момент духот на минатото, неопходно е да го посетите Музејот на галичкото културно наследство. Таму се наоѓаат автентични носии за младоженец и невеста, многубројни публикации на познати дејци што потекнуваат од селото, како и голем број фотографии што даваат претстава за некогашниот живот во Галичник.
Од ова село потекнуваат голем број луѓе што со своето дело оставиле длабоки траги во историјата и уметноста воопшто. Тука би ги споменала Ѓорѓија Пулевски, Партенија Зографски, Панајот Гиноски, Лазар Личеноски, Макарие Фрчкоски, Александар Сариевски, Весна Гиноска-Илкова и многу други. Сите тие ги прават луѓето што потекнуваат од овие краеви горди на своето потекло, традиција и културно наследство.

1 коментар:

Анонимен рече...

I guess you like the pictures and I hope that you'll come one day in Macedonia and you'll see all that in live.
Regards