петок, 12 септември 2008 г.

Маврово

Маврово е едно од оние места што се еднакво привлечни и во лето и во зима. Она што го прави посебно е совршената хармонијата меѓу езерото и околните планини.
Мавровско Езеро е формирано при крајот на четириесеттите години на минатиот век. Со градењето на големтаа земјена брана на Мавровска Река, била поплавена Мавровската Котлина, а на нејзиното место било формирано езерото. За постоењето на котлината сведочи црквата, која иако поплавена сè уште му пркоси на времето.
Во зимниот период вистинска атракција се скијачките терени на планината Бистра. Веќе неколку години тука традиционално се одржува „Мавровскиот меморијал“, додека детското одморалиште „Бунец“ е домаќин на манифестацијата „Снежен град“.
Доколку доаѓате во Маврово, можете да уживате и во посетата на пештерата Шаркова дупка. Се наоѓа во непосредната близина на зимскиот туристички центар, веднаш под хотелот „Бистра“. Пештерата ја красат сталактити и сталагмити, кои како и повеќето од другите украси имаат црвеникаво-кафена боја.
Денес Маврово станува сè поатрактивна дестинација, која има тенденција во иднина да привлекува сè поголем број туристи.

Нема коментари: