сабота, 27 септември 2008

Караниколички Езера

Од вкупно 39-те леднички езера на Шар Планина, дури над 20 се наоѓаат на територијата на Македонија. Познати се под заедничкото име Шарски Очи.
На 8 Септември оваа година, заедно со членови на МЕД (Македонско еколошко друштво) и со планинари од ПК „Љуботен“, ги посетивме Големото Караниколичко Езеро (Голем Ѓол) и Малото Караниколичко Езеро (Мал Ѓол). Овие езера се наоѓаат во Караниколичката област, на над 2.300 метри надморска висина. Жителите на околните села ја сметаат водата во Голем Ѓол  за лековита. Ова езеро се полни со вода од поголем број подводни извори, за разлика од малото, кое нема вакви извори.
Од Лешница, каде што ги оставивме автомобилите, до езерата стигнавме за помалку од три часа. И овој пат се уверив дека Шара секогаш има да понуди импресивни глетки и незаборавни мигови. Мене особено ми беше интересно Малото Караниколичко Езеро поради специфичната кафена боја.
Во некоја следна пригода ни преостанува да видиме дел од другите леднички езера на Шара.

петок, 26 септември 2008

Кораб

Традиционално на 8 Септември, Денот на назависноста на Р Македонија, ПСД „Кораб“ организира искачување на Голем Кораб, највисокиот врв во Македонија. Врвот официјално се наоѓа на надморска висина од 2.764 метри, но според мерењата на јапонски експерти тој е повисок за 88 метри.
Минатата година јас првпат бев дел од оваа масовна акција. Оние што веќе биле таму знаат дека автобускиот превоз е до караулата „Стрезимир“, од каде што се оди пеш до караулата „Победа“, а оттаму започнува искачувањето на врвот.
На оваа акција традиционално учествуваат планинари од повеќе земји. Тука би ги споменала поранешните југословенски држави, Бугарија, Германија, САД, Канада и др. Планинарите од Црна Гора, таа година, дојдоа првпат официјално по осамостојувањето. Многумина од нив доаѓаат повеќе години, таков е случајот со Брацо од Сараево, со кого имавме можност да поразговараме.
За разлика од оваа година, снегот што го имаше лани на врвот и непосредно под него, создаваше една посебна и неповторлива глетка.
Благодарение на ПСД „Кораб“ оваа акција прерасна во традиционален собир на планинарите од повеќе земји, кој придонесува за афирмација на Македонија како погодна дестинација за развој на планинарењето.